Во областа Амур, на далечниот исток на Русија, е прогласена вонредна состојба поради инцидент во рудникот за злато „Пионир“ во областа Зеја, каде 13 лица останаа затрупани под урнатините поради одрон на карпи, соопшти владата.
„Во регионот Амур е воведена регионална вонредна состојба поради инцидентот во рудникот Пионир во областа Зеја со цел да се мобилизираат сите сили и ресурси. Оваа одлука е донесена на вонредна седница што ја одржа регионалниот гувернер“, се вели во соопштението на локалната самоуправа.
Претставник на службата за вонредни состојби за РИА Новости изјави дека во рудникот во моментот на уривањето имало 13 лица и дека се уште не е остварен контакт со нив.
Групата спасувачи, претежно од Руската Република Јакутија, се состои од 25 вработени.
Покрај тоа, хеликоптерот Ми-8 на руското Министерство за вонредни ситуации полета од територијата Хабаровск до местото на несреќата, пренесува Интерфакс.
Од оперативните служби за Интерфакс велат дека, според првичните информации, луѓето се на длабочина од 100 до 150 метри, а засега нема информации за можни жртви.