Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје денеска најави дека ќе поднесе иницијатива за одржување вонредна седница на Советот на која, како што велат, ќе се расправа за тешката финансиска состојба во Градот.
Љубица Јанчева, координаторката на советничката група на СДСМ, ги повика советниците од ВМРО-ДПМНЕ, чија советничка фрупа го има мнозинството во Советот на Градот, да се охрабрат и преку претседателот на Советот Трајко Славески кој доаѓа од нивните редови, да ја закаже седницата што е можно побрзо, бидејќи опасноста од банкрот на Градот секој ден се зголемува.
„Освен долгови, партиски вработувања, кавги за тендери и провизии и лоши услуги за граѓаните, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски ништо не сработеа за граѓаните. Советот на Град Скопје мора да одржи вонредна седница на која Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ мора да објаснат каде завршија стотици милиони евра народни пари и зошто Градот е со блокирана сметка“, рече Јанчева на денешната прес конференција.
Таа рече дека поради неспособноста и расипничкото трошење на народните пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ градоначалничката Данела Арсовска Град Скопје е со блокирана сметка и се наоѓа пред банкрот.
„Овој факт е уште повеќе поразителен затоа што за една и пол година колку што ВМРО-ДПМНЕ го предводи Градот, нема реализирано ниту еден, потенцирам, ниту еден капитален проект. Дополнително, јавните претпријатија едвај функционираат, јавниот превоз е во колапс, а извесен период не функционираше ниту градската администрација затоа што немаа основни средства за работа. Граѓаните мора да знаат каде завршиле нивните пари. Станува збор од најмалку 100 милиони евра од редовниот Буџет, но и дополнителни 13 милиони евра што претходната градска администрација на СДСМ ги остави во градската каса. Затоа, денес поднесуваме иницијатива да се одржи вонредна седница на Советот на Град Скопје на која ќе се расправа за тешката финансиска состојба во Градот“, рече Јанчева.
Обвинувањата дека Град Скопје е со блокирана сметка и пред банкрот почнаа да доаѓаат од седиштето на СДСМ минатата недела.