Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде налог и во моментов врши вонредна инспекциска контрола кај операторот со храна – производител на леб и бели печива, по објавената фотографија на социјалните мрежи за еден од објектите на операторот, на која се гледа глодар на една од масите каде се послужува храна.
– Во рамки на законските надлежности, инспекциските служби вршат проверка дали од страна на овој оператор со храна се почитуваат пропишаните општи и посебни барања за безбедност на храната, вклучително и тоа дали се спроведени мерките за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, информира АХВ и најавува дека со идните редовни и вонредни инспекциски контроли, акцент ќе биде ставен и на контролата на спроведувањето на законската обврска за редовно вршење дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектите во кои се подготвува и послужува храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство врши редовни инспекциски контроли и кај оваа категорија оператори со храна, а по потреба се преземаат и дополнителни, вонредни мерки за контрола.
Во првите шест месеци од годинава се извршени вкупно 8.336 инспекциски надзори кај оператори со храна од неживотинско потекло, од кои 1.027 кај пекарници, бурекџилници и трговци со леб и бели печива. Констатирани се пропусти од помал обем што се однесуваат на имплементацијата на Добрите хигиенски и производни пракси или HACCP системот, како и по однос на несоодветно означување на производите. Инспекциските служби изрекле 156 наредби за отстранување на констатираните недоследности, даден е налог за 82 едукации, а изречени се и две времени забрани.
– Апелираме до граѓаните секоја недоследност да ја пријават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, лично, или на електронската пошта info@fva.gov.mk, наведува Агенцијата за храна.