Во Куманово е започната иницијатива за чистење на градот од страна на волонтери во соработка со јавното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“.
Од иницијативата очекуваат Куманово, кој е особено загаден град, да добие поинаква слика по имплементирањето на оваа акција, која е започната во јули и би требало да се реализира до септември. Јавното комунално претпријатие и волонтерите со помош од општината ќе ја реализираат оваа иницијатива. Истата ќе придонесе за намалување на комуналниот отпад и чистење на улиците и булеварите во градот Куманово.
Покрај чистењето ќе се садат и цвеќиња и дрвја
За иницијативата разговаравме со Ива Крстевска, која е една од волонтерките. Таа ни објасни дека во оваа иницијатива се вклучени шест волонтери, но бидејќи тие се малку за извршување на целата акција, повикале многу нивни пријатели да им се придужат и да им помогнат во реализацијата.
Како дел од активностите кои биле планирани да ги спроведат со цел реализација на оваа иницијатива се и садење на цвеќиња и дрвја низ градот Куманово. Дрвјата и цвеќињата ќе бидат засадени низ разни локации во градот. Јавното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“ ќе им помогне да ги засадат и исто така ќе им помогне во чистењето на улиците и чистењето отпад.
„При собирањето на отпадот ќе користиме кеси кои подоцна ќе можат да бидат рециклирани. А за засадувањето ќе користиме различни цвеќиња и млади дрвца кои ќе бидат засадени од наша страна“, изјави Крстевска.
Оваа иницијатива е започната на 20 јули годинава.
„Како млади и мотивирани волонтери сметаме дека оваа е најмалото нешто што можеме да го направиме за нашиот град Куманово. Сакаме да бидеме активни волонтери, да придонесуваме во општеството и да направиме чиста и здрава околина во која што ќе градиме иднина“, заклучи Крстевска.
Како голем проблем во Куманово се јавува спалувањето на отпадот. Според невладиниот сектор спалувањето на отпад е се позастапено во Македоннија. Спалувањето е штетно, загадувачко, скапо и е неефикасен процес кој ги заробува градовите во безизлезна ситуација со тоа што тие се принудени да произведуваат многу отпад. Преземање на поагресивни мерки за решавање на проблемот со аерозагадувањето и отпадот бараат и невладините организации и активистите.
Во Куманово има повеќе од 80 диви депонии
Проблемот со аерозагадувањето предизвикано од спалување на отпад го мултиплицираат и големиот број на депонии кои ги има низ Куманово. Според податоците на градоначалникот Максим Димитриевски, во градот има повеќе од 80 диви депонии.
Од 2018 до 2022 година, општина Куманово потрошила повеќе од 8 милиони денари за чистење на дивите депонии и речните корита во градот, но и покрај тоа проблемот не е решен.
Градоначалникот Димитириевски во една прилика изјави дека и покрај сите акции не можат да постигнат да ги исчистат сите депонии со смет и градежен шут кои ги создаваат граѓаните, но и сопственици на култиватори и камиони.
„Страшно е што на дивите депонии што континуирамо ги чистиме повторно се фрла ѓубре. Една од нив е на локацијата кај Туш, каде во 2021 година изнесовме 150 камиони со отпад, но сега не само што е повторно затрупана, туку демолирано е и детското катче. Исто е и со депониите на реките Кумановка, Липковка, Којнарка, кај воените магацини во Проевце, а сега имаме масовно создавање диви депонии во населите Долно и Горно Којнаре“, кажа Димитриевски.
Колку комунален отпад „произведува“ Македонија?
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Северна Македонија во 2022 година изнесува 605 638 тони. Споредено со 2021 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2022 година бележи намалување од 4.2 %.
Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 172 288 тони. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 84 % се собрани од домаќинствата, а останатите 16 % од правни и физички лица (комерцијален отпад).
Според видовите, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад – 494 693 тони, а најмало количество има отпадот од гума – 1 487 тони или 0.2 % од вкупното количество собран комунален отпад.
Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2022 година изнесува 467 кг, што е за 3.3 % повеќе од истото количество во 2021 година.
Најголемото количество на собран комунален отпад (99.8 %) се исфрла на депонија.
Овој текст е напишан од младинската активистка Илина Стојановска и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.