Володин: Речиси 19.000 рестриктивни мерки веќе се воведени против Русија

by Fokus

Претседателот на руската Државна дума, Вјачеслав Володин изјави дека по воведувањето на 12-тиот пакет санкции на Европската унија, против Русија се преземени 18.772 рестриктивни мерки.

Во објава на Телеграм, Володин оцени дека Европа, постапувајќи по диктат на Вашингтон и воведувајќи санкции против Русија, првенствено им штети на своите граѓани, туркајќи ја нејзината економија во рецесија.

Володин наведува дека, според пресметките на американските медиуми, западните компании кои ја напуштиле Русија изгубиле повеќе од 103 милијарди долари и додава дека овие пари останале во Русија.

„До крајот на годината растот на БДП на нашата земја ќе биде 3,5 отсто“, додаде Володин.

Во понеделникот Европската унија го усвои 12-тиот пакет економски и индивидуални санкции против Русија поради војната во Украина, пренесува Танјуг.

Новиот пакет вклучува мерки за ограничување на увозот, купувањето или трансферот на руски дијаманти, нови ограничувања и контроли на увозот и извозот, а покрај економските санкции, Советот на ЕУ одлучи да стави „значителен број“ физички и правни лица на листата.

Поврзани новости