Војската ќе биде поддршка на полицијата во обезбедување на затворите и нема да има допирна точка со лицата кои се наоѓаатна издржување казни во затворот Идризово, изјавија од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски за Фокус.
“Ангажманот на припадниците на армијата ќе биде идентичен како и за време на Ковид – 19 пандемијата кога обезбедуваа надворешен периметар на стратешки важни објекти, а за кој ангажман јавноста имаше позитивно мислење. Војската ќе биде поддршка на полицијата и нема воопшто да има допирна точка со лицата кои се наоѓаат на издржување на нивните казни во ‘Идризово’,изјавија од кабинетот на претседателот Пендаровски, за Фокус.
Ваков одговор дадоа од Кабинетот на Претседателот по обвинувањата од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки дека со одлуката припадници на АРМ да обезбедуваат затвори е направен преседан и кој ќе одговара ако дојде до суир меѓу затворениците со војниците.
Од Кабинетот на Пендаровски велат дека припадниците на Армијата се ангажирани во обзбедување на затворот „Идризово“во рамките на одлуките донесени од страна на групата за процена на безбедносни закани како и управувачкиот комитет одржани во Центарот за управување со кризи
„Утврдено е дека постои безбедносен ризик односно потреба од зајакнување на обезбедувањето на Казнено – поправниот дом ‘Идризово’.
“>Владата неодамна утврди кризна состојба на подрачјето на општината Гази Баба и со цел да спречат безбедносни закани, следствено на одлуката на влада, а по барањето на ЦУК, претседателот Пендаровски ја донесе наредбата припадници на Армијата во наредните 30 дена да го обезбедуваат затворот, а на нив ќе им се приклучат и припадници на МВР“, рекоа од кабинетот на Пендаровски.
“>Преземените мерки и активности се целосно во согласност со законските акти за управување со кризи и истите се превентивен одговор за потенцијалните безбедносни закани, велат од кабинетот на претседателот.
“>Пратеникот Ковачки обвини дека шест дена по донесените одлуки да се ангажира војската во обезбедување на Идризово има молк од претседателот и министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Тој праша зошто на подрачје на Гази Баба, Владата прогласила кризна состојба и единиците на АРМ да обезбедуваат затвори.
„Во која друга НАТО членка, војска чува затвореници? Кои правила на употреба на сила ги имаат војниците? Кој ќе одговара ако дојде до употреба на сила? Има ли некој да му каже на Пендаровски дека лично тој направил преседан кој утре многу лесно може да биде злоупотребен? Што правиме ако утре – хипотетички на Владата или на некоја идна Влада им падне на памет да прогласат кризна состојба на подрачје на општина Центар и Пендаровски да нареди употреба на војска пред Собрание“, изјави Ковачки.
Овој потег следува по информациите за недостаток на чувари во оваа казнено поправна установа. Центарот за управување со кризи, претходно објави дека припадници на МВР и на Армијата ќе го обезбедуваат затворот поради недостаток на чувари.
Од ЦУК рекоа дека бројот на вработени лица во затворската полиција е недоволен за да ги задоволи потребите.