Најмалку седум лица се убиени и неколку стотици уапсени за време на немирите што избувнаа во Јужна Африка по апсењето на поранешниот претседател Џејкоб Зума.
Во обид да се потисне насилството, јужноафриканските власти ја распоредија армијата на улиците на градовите каде беа забележани најжестоките немири, но сепак, во текот на денот беа запалени продавници и станбени згради.
Меѓу жртвите е и шестмесечно бебе, кое беше погодено од заскитан куршум во главата и човек кој искрварил до смрт од убодни рани.
Според локалните медиуми, на клиниките владее хаос, бидејќи демонстрантите постојано се обидуваат да влезат во собите каде има повредени.
Екс претседателот на Јужноафриканската република Зума минатата недела се предал на полицијата и ќе одлежи казна затвор од 15 месеци поради непочитување на судот.
Зума, претседател на економски најразвиената африканска земја од 2009 до 2018 година, е обвинет за бројни случаи на корупција, рекетирање, измами, затајување данок и перење пари.