Две компании од индустриските зони побарале да им се овозможи фирмите ќерки од Украина целосно да ги преселат во земјава, додека чешки компании ја разгледуват можноста да го преселат производството од Русија во земјава, најави директорот на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зони Јован Деспотовски.
Според него, доколку нема промена во ваквото барање за кое е разговарано со компаниите пред околу две недели, трансферот на капацитетите би се реализирал брзо, за три до шест месеци. Тоа би значело и отворање нови работни места, околу 2 000 во едната и уште 1 200 во другата компанија.
Двете странски компании кои имале производство во Украина се од автомобилската индустрија и побарале да им се овозможи фирмите ќерки од Украина целосно да ги преселат во земјава.
-Воопшто не се радуваме на вакви инвестиции, но ќе излеземе во пресрет. Компаниите немаат никакви посебни побарувања од типот бенефиции или помош, туку напротив, само практични. Всушност, стравуваат дека поради континуитетот на конфликтот работниците ќе им избегаат. Не се толку засегнати од воените дејства, колку што се плашат дека нема да има кој да им работи. Ние им помагаме да најдат физички простор каде ќе може да го преселат производството, рече Деспотовски.
Деспотовски најави и американска компанија којашто ја таргетирала земјава како потенцијално место за реализација на своите инвестиции вредни околу 150 милиони евра.
„Во игра“ за инвестициите на оваа американска компанија е целиот регион, но се смета дека најголема конкуренција на Северна Македонија и е Србија.
-Ние сме во потесен круг. Засега имаме најава само дека менаџерите на компанијата ќе дојдат, а веќе ни е испратен и деловен план. Располагаме со сите податоци за компанијата, но детали ќе објавиме кога целата работа ќе биде во напредна фаза.
Она што е важно е дека имаме сериозно голема американска компанија која не е присутна во земјава и која поради ситуацијата во источниот дел од Европа најави на почетокот на април мисија во регионот, вклучително и во Северна Македонија. Неколку држави во регионот се скенираат. Ќе направиме се од наша страна за да ја убедиме компанијата да ги вложи средствата во нашата држава, рече Деспотовски.