Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски и вицепремиерот од редовите на ДУИ, Артан Груби во јавна „војна“ за тоа кој бил во Будимпшета кај Груевски. Откако Димитриевски јавно го прозва Груби да каже кои биле причините што бил во Будимпешта, Груби му врати, па пак продолжи Димитриевски.
-Дали е точно дека е одржана средба меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ на која е одлучено да се побара помош од Будимпешта? Дали е точно дека на таа средба е одлучено лице за контакт со Будимпешта да биде г-динот Груби? Дали е точно дека за помошта од Будимпешта, побарано е закон за “амнестија” (актуелните измени на членовите во КЗ) и обезбедување на дополнителен број на пратеници за уставни измени, прашува Димитриевски.
Артан Груби потоа во коментар на Фејсбук профилот на Максим Димитриевски, го праша кумановскиот градоначалник, дали тој во Будимпешта договорил ВМРО-ДПМНЕ да му ги даде гласовите на локалните избори со кои стана градоначалник на Куманово.
-Максо, не ти личи да лажеш и да се резилиш вака јавно, освен на телевизија, па да продолжиш да лажеш и на Фејсбук а тоа да ти претставува чин за гордеење. Или ова е само за да бидеш интересен 5 секунди и да те има по портали?
Знам дека е поразително, ама јас во Будимпешта не сум бил никогаш во живот и не сум се сретнал никогаш со било кого ниту во Будимпешта ниту во Унгарија.
Ај веќе кога ти пишав, дај кажи им на твоиве на Фејсбук, дали ти во Будимпешта договори ВМРО да ти ги даде гласовите на локалните избори на кои стана градоначалник на Куманово?
Ама кажи искрено, немој да лажеш пак!, напиша во коментарот Груби.
Димитриевски му пиша нова порака на Груби:
-Колку ме служи меморијата г-динот Груби заплива во политичките води како резултат на насилие меѓу две навивачки групи. Кариерата ја започна како организатор на рушење на започнатата музеј црква на Кале. Продолжи заедно со своите компањони со демолирањето на салата на новиот театар во Скопје, а денес е познат како човек кој го води најсомнително коруптивниот проект во државата и за надзор на круцијален капитален проект кој вреди неколку милијарди долари, избрана е фирма која е производител или тргува со долен веш. Патем, му ја палат приватната кола во која се вози, а не е на негово име?! За местото на одржување на средбата меѓу тесното раководство на СДСМ и ДУИ, и темите на истата, во некоја друга прилика. А пред да ми одговори на поставените прашања, го молам Г-динот Груби да престане со играње фудбал и партиските журки за соло пеење на неговиот шеф во неговиот кабинет, да се смири, да се концентрира, да размисли, и потоа да даде овој пат искрени одговори бидејќи ние му ја плаќаме и платата а и кабинетот како даночни обврзници, дополни Димитриевски.