Припадници на безбедносните сили на воениот режим во Мјанмар отворија оган врз учесниците на денешните протести низ целата земја и убија најмалку пет лица, јавија локалните медиуми.
Во градот Ветлет во централниот дел на Мјанмар се убиени две лица, други две загинаа во одделни акции на припадници на воената хунта во два града на североисток и едно лице во рударскиот град Хпакант во северниот дел на земјата.
Три месеци по воениот преврат и соборувањето на демократски избраната влада, илјадници граѓани и денеска излегоа на улиците во Мјанмар за да протестираат против воената диктатура.
Воената хунта не успева да ги запре протестите и незадоволството на граѓаните дури и со употреба на смртоносна сила, а демонстрациите ги координираат и круговите на протерани граѓани на Мјанмар во странство, кои протестите ги нарекоа „глобална пролетна револуција во Мјанмар”.