Воената хунта во Мали го протера францускиот амбасадор

by fokus

Воената хунта во Мали го протера францускиот амбасадор во Бамако, Жоел Мејер, со образложение дека давал „непријателски и скандалозни“ изјави против воените владетели, изјави на телевизија министерот за надворешни работи на оваа африканска земја, Абдулаје Диоп.

Франција, како одговор на потегот на хунтата, дома го врати нивниот амбасадор, а шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изрази „солидарност“ со Франција и Данска, откако Мали неодамна ги протера данските сили во антитерористичка мисија и ги замени со неколку стотици руски платеници, пренесе „ЕУобзервер“.

И Германија ја критикуваше одлуката на хунтата во Мали за протерувањето на францускиот амбасадор, оценувајќи ја „неоправдана“, и соопшти дека го поддржува својот француски сојузник.

„Неоправданото протерување на францускиот амбасадор води до ќорсокак“, напиша германското МНР на Твитер.

„Потребен ни е дијалог, а не ескалација за заедничката цел – безбедноста на Мали и борбата против тероризмот. Ние цврсто стоиме на страната на Франција“, додадоа од германското МНР.

Поврзани новости