Франција денеска остро ги отфрли обвинувањата на воениот режим на Нигер дека француските сили го нарушиле воздушниот простор на оваа западноафриканска земја каде што изби пучот и дека „ослободиле терористи“, односно ослободиле исламски екстремисти од затвор.
-Летот утринава беше одобрен и координиран со нигериската војска, изјави за AFP извор од француската влада, додавајќи: „Француските сили не ослободија ниту еден терорист“.
Претходно пучистите во Нигер објавија дека „француските сили полетале“ денеска од Нџамен во Чад „со воен авион во 6:01 часот по локално време“ и дека овој авион „намерно го прекинал секој контакт со контролата на летање“ на влезот во воздушниот простор на Нигер „од 6:39 часот до 11.15 часот по локално време“.
Во истото соопштение, Националниот совет за заштита на татковината – како што се нарекуваат пучистите – го обвини Париз за „еднострано ослободување терористички затвореници“, користејќи го зборот „терорист“ за вооружени џихадисти.
Субсахарскиот регион Сахел, во кој се наоѓа Нигер, долго време е зафатен од активностите на исламските екстремистички групи како Ал Каеда и Исламската држава.
Откако воениот удар дојде на власт во Нигер, договорите за воена соработка на земјата со Франција се суспендирани.
Франција има 1.500 војници во Нигер за борба против џихадистите. Има бази во неколку соседни држави.