Во Париз денеска се одржува традиционална воена парада по повод Денот на републиката или Денот на падот на Бастилја. На парадата учествуваат повеќе над 5.000 луѓе, а во Париз се распоредени дополнителни 10.000 полицајци, пренесува АП.
Парадата ја отвори оркестар составен од 80 музичари од Франција и 13 од партнерските земји, вклучувајќи ги Канада и Германија.
Пред парадата, Макрон се возеше во отворено воено возило по авенијата Шанзелизе од историскиот споменик на Триумфалната порта до плоштадот Конкорд.
Кога пристигна францускиот претседател, дел од насобраните граѓани го исвиркаа барајќи оставка.
По прелетувањето на воените авиони кои испуштаа чад во сина, бела и црвена боја на националното знаме, парадата ја отворија 240 припадници на вооружените сили на Индија во традиционални униформи.
Почесен гостин на овогодинешната парада е индискиот премиер Нарендра Моди, со што се продлабочуваат односите меѓу двете земји, кои денеска слават 25 години од стратешкото партнерство.
На парадата имаше 6.500 припадници на различни гранки на армијата. Летаа 60 авиони, меѓу кои и странски, како и 28 хеликоптери. На парадата има 157 возила и 62 мотоцикли, како и 200 коњи на Републиканската гарда.
Парадата заврши со интонирање на француската национална химна „Марсељеза“.
Вечерва во Париз е закажан огномет на Ајфеловата кула и симфониски концерт на тема братство.
Падот на Бастилја, на 14 јули 1789 година, е симбол на крајот на апсолутистичката монархија и единството на нацијата.