Веќе трет ден стружани не смеат да пијат вода од чешмите поради нејзината заматеност. Анализите на водата за пиење извршени од Центарот за јавно здравје од Охрид покажале дека матноста е сè уште над законски дозволеното ниво.
„И денешните контролни анализи на водата за пиење од градската водоводна мрежа во Струга, по однос на параметарот резидуален хлор (дезинфекционо средство) и матност, што ги изврши Центар за јавно здравје Охрид покажаа дека водата од градскиот водовод содржи доволно количество на дезинфекционо средство (резидуален хлор), но матноста е сеуште над законски дозволената и прописана вредност. Тоа значи дека водата од градскиот водовод во Струга и натаму не е здравствено безбедна за пиење. Состојбата постојано се следи и јавноста ке биде известена кога состојбата со квалитетот на водата ќе се нормализира”, вели Сашо Точко, директор на Центарот за јавно здравје во Охрид.
Од Центарот за јавно здравје подготвуваат иницијатива која се однесува на стопанисување со селските водоводи за да се најде начин да се реши овој проблем, а граѓаните да се сигурни во водата што ја пијат. Иницијативата ќе биде доставена до локалните самоуправи на Охрид, Дебар, Дебарца, Струга, Вевчани и Центар Жупа, бидејки најголем проблем е што многу од месните заедни немаат средства за набавка на хлор и за одржување на водоводите.