Водата од локалниот водовод во село Дурачка Река, кај населбата до училиштето, не е безбедна за пиење и користење, се наведува во извештајот анализа на вода на Агенцијата за храна и ветеринарство – Подрачна единица Крива Паланка, изготвен од Јавна здравствена установа Центар за јавно здравје – Куманово.
-Според извештајот водата од земените мостри на 30 јануари 2020 година од водоводот во село Дурачка Река, населба кај школо, во однос на физичко-хемиската анализа не одговара на законските прописи за здравствена безбедност на вода, односно таа не е безбедна за пиење и користење поради зголемена матност. За да може истата да се користи потребно е да се изврши дезинфекција и кондиционирање на водата од надлежен орган. Од тие причини се известува месното население што го користи овој водовод дека е забрането понатамошно користење на водата се до нормализирање на квалитетот на истата, посочуваат од службата за информирање при локалната самоуправа на Општина Крива Паланка.
Оттаму известија и дека режискиот одбор и Месната заедница на село Дурачка Река треба час поскоро да стапат во контакт со Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ за справување со состојбата и подобрување на квалитетот на водата од наведениот водовод.