Ситуацијата со присуството на отровниот арсен што во водата за пиење во Гевгелија се повеќе се влошува. Граѓанската иницијатива „Арсена“ од Гевгелија излезе со последните податоци направени од Институтот за јавно здравје. Примерокот покажал дека водата содржи 15,32 микрограми арсен на еден литар (според Светската здравствена организација, максималното дозволено количество арсен е 10 микрограми).
„Состојбата од лани е влошена, не е подобрена и покрај сите најави дека „нема место за паника“ изречени од државниот секретар при Министерството за животна средина и локалните функционери. Прикриениот молк на надлежните локални тела за присуството на арсенот во водата и прикриената забрана на некој начин да се зборува на оваа тема. упатуваат на заклучокот како вистината да не е добредојдена во Гевгелија“, реагираат од Арсена.
Граѓанската иницијатива бара Јавното претпријатие Комуналец да ги предупреди граѓаните за нивното здравје и да ја намалат цената на водата која гевгеличани не можат да ја консумираат. За ова, од Арсена најавуваат дека ќе поднесат иницијатива до градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов и до Советот на општината – ќе бараат цената на водата да се наплатува како техничка вода.
„Со цена од 11-12 денари за еден литар едно просечно семејство, заедно со сметката за вода од јавното комунално претрпијатие, месечно би требало да издвојува од 4.200 до 5.000 денари за вода, што е неприфатливо во денешни услови на опаднат животен стандард на македонските граѓани“, се вели во соопштението од граѓанската иницијатива.
Оттаму тврдат дека поради присуството на арсен во водата, бројот на заболени лица од карцином се повеќе расте.