Состојбата во делови од Хрватска е критична по поплавите предизвикани од обилните дождови во последните денови. Водата го проби насипот кај градот Сисак, така што таму и во Петриња е тешка состојбата, бидејќи се очекува врвот на водениот бран.
Голем воден бран синоќа помина низ Карловац, а водостојот на реката Корана достигна рекордно ниво од 852 сантиметри. Неодамна реконструираниот пат во областа Раковац во Карловац почна да се пропаѓаи таму сообраќајот е затворен.
Водениот бран кој помина низ Карловац сега прави проблеми низводно, во Сисак и Петриња.
„За жал, имаше протекување. Приливот отиде под привремениот насип од бариери, а потоа како што се создаде дупка, насипот пропадна во должина од 5 метри. За среќа, навремената и брза реакција на службите од ‘Хрватски води’ веднаш почнаа да се санираат штетите. За жал поради напливот на вода не беше можно да се спаси имотот. Животните кои беа во погоденото подрачје од поплавите се спасени и згрижени.Сепак, за жал, постои голема материјална штета во однос на сите површини кои се поплавени. Пристигна хрватската војска, пожарникарите и вработените во водостопанството се таму брзо и сите работат на санирање на пукнатината“, изјави шефот на штабот за цивилна заштита во Сисак. Марко Кричка.
Растот на нивото на реката Уна во Хрватска Костајница беше запрен откако вчера беше поплавен центарот на градот.
Реката Зрмања во Обровац се повлекува откако нивото на водата во понеделникот наутро достигна историски 302 сантиметри, што е дури 39 сантиметри над највисокиот водостој на Зрмања измерен досега во тој град.