Водачот на „Барон“ осомничен дека неодамна пукаше во Чаир со помилувањето ќе излезе на слобода – од институциите молк

by Fokus

Акиф Равмановски кој се најде прв на списокот помилувани со одлука на претседателката Гордана Сиљановска Давкова од 21 октомври е осомничен за пукањето што се случи пред десетина дена во скопско Чаир кога едно лице, припадник на кланот Грчец беше тешко рането.

Неговите иницијали А.Р. се совпаѓаат со иницијалите на затвореникот кој бил излезен од „Идризово“ поради работен ангажман и пукал Чаир.

-Утврдени се сите учесници во кривично правниот настан и тоа: Л.А. (32) и И.Т. (30), кои се лишени од слобода и задржани во полициска станица за понатамошна постапка, како и А.Р. (29) и М.И. (32), осудени лица на издржување на казна затвор во КПУ Идризово, а кои во текот на 14.10.2024 година, во времето на извршувањето на кривичното дело, користеле излез од затворот Идризово, по основ на работен ангажман. Од лице место подигнати се траги од биолошко потекло, применети се апликатори за барутен тест од утврдените учесници во кривично правниот настан, обезбедени се видео записи од „Безбеден град”, а исто така утврдено е и возилото со кое едниот сторител доаѓа на лице место, по што истото е подигнато за криминалистичко техничка обработка, соопшти МВР.

Акиф Равманоски всушност во скопското подземје е познат под прекаротАкиф Јусуфи и е водач на групата „Барон“ која последните неколку години е активна во скопското подземје.

Со одлуката за помилување неговата затворска казна од една година и три месеци се заменува со условна казна доколку во наредните три години не стори кривично дело. Осуден бил за нелегално поседување на оружје.
Засега нема никакви официјални информации од институциите зошто Акифи е пуштен од затвор иако треба да помине соодветни филтри пред да биде донесена од страна на претседателот.

Според законот за помилување, постапката се поведува со молба на осудениот или неговиот бранител. За неговата молба, според Законот за помилување, мислење треба да даде затворот каде осуденикот ја издржува казната затвор, во Министерството за правда се формира комисија за помилување во рамки на Министерството. Предлогот комисијата го испраќа до Комисијата за помилување на претседателот, па потоа претседателката ја носи конечната одлука.

Акиф инаку е сопственик на кафулето „Барон“ кое беше запалено во февруари и на социјалните мрежи имаше објавено фотографии со со водачот на „Беланоца“, Фатљум Ајети – Тоте кој исто така беше во „Идризово“ на издржување на затворска казна, а сега казната затвор ја издржува во Куманово.

На списокот на помилувани се најде и Шенол Маслани, брат на познатиот Шенки „Версаче“, кој беше уапсен во 2019 година во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога. Овие двајца му се братучеди на Тоте од „Беланоца“.

Оваа група прв пат беше спомената кога неделникот „Фокус“ пишуваше за скопското подземје. Таа се „брендирала“ според кафуле кое се наоѓа во Чаир. Во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци кои се борат да земат дел од криминалниот пазар и имаат две имиња.

Таа почна да се споменува по двојното убиство во „Шиша бар“ кога беа убиени Јетон Кривањева- Жила и Енес Исеинов-Љаци од групата „Дуќанџик“.

Потоа следуваа апсења на припадници на групата „Барон“, но и убиства на припадници на оваа група.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости