Во знакот на солидарноста да ја испратиме оваа година, вели Јанчев кој испрати четири шлепери со вода за настраданите во Хрватска

by fokus

Доцна синоќа четири шлепери со вода, како донација од компанијата ,,Кожувчанка” тргнаа кон Хрватска. Конвојот со помош за настраданите во земјотресот веќе пристигна, а градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој е управител на ,,Кожувчанка” вели дека тоа е најмалку што може да направи во овие тешки моменти за тамошниот народ.

-Оваа 2020 беше тешка година за сите. Тоа што се случи во Хрватска, страотниот земјотрес со човечки жртви и огромни материјални штети, само уште еднаш ни покажа дека мораме да бидеме солидарни, да сочувствуваме со туѓата болка, и секогаш кога сме во можност да помогнеме – вели Јанчев.

Кавадарци е збратимен град со Макарска, и општината заедно со Советот, во координација со градоначалникот на Макарска, решила да ги испрати шлеперите со вода за пиење.

-Изразуваме сочувство до семејствата на настраданите, и ова е најмалку што можеме да направиме за нашите пријатели од Хрватска. Овде сме да им помогнеме, да покажеме дека се грижиме и дека сочувствуваме со нивното страдање. Во знакот на солидарноста да ја испратиме оваа година, никогаш да не се повтори злото кое му се случи на човештвото, и сите да бидеме пред се, луѓе – ни изјави градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости