Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент ќе се одржи долго најавуваниот протест, за како што најавуваат организаторите „одбрана на името Македонија“.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, се најавува присуство на голем број Грци во „еднодневна посета“ во грчката престолнина.
-Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи.
Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, процените се дека денеска на собирот ќе има најмалку еден милион граѓани.
На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.