ВО ЖИВО Обраќања на Ковачевски и Петков на меѓувладината седница

by Fokus

Владите на Северна Македонија и Бугарија предводени од премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков денеска во резиденцијата „Бојана“ во Софија ќе одржат заедничка седница на која, меѓу другото, е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни, кои треба интензивно да работат за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

Скопје и Софија, претходно ги формираа работните групи – економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.

Копретседавачи на првата група од македонска страна се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, Фатмир Битиќи,  министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер.

Во работните групи ќе членуваат и претставници од ресорните министерства и институции, а копретседавачите ќе ротираат согласно тематиката, која ќе биде ставена на дневен ред на состаноците.

Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

Ковачевски и Петков денеска ќе имаат воведно обраќање пред почетокот на состаноците на работните групи, по што ќе остварат тет-а-тет средба, а четирите работни групи ќе имаат паралелни состаноци.

По завршувањето на состаноците предвидено е потпишување на неколку билатерални договори.

Поврзани новости