Во земјотресот во Тибет досега загинаа 126 луѓе, заробените под урнатините изложени на ризик од брза хипотермија

by Fokus

Повеќе од 400 луѓе се спасени од урнатините по силниот земјотрес што го погоди Тибет, но непознат број луѓе се уште се водат како исчезнати, соопштија денеска кинеските власти.

Според досега расположливите податоци, 126 лица загинаа, а 188 се повредени во земјотресот со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди хималајскиот регион на Тибет во југозападна Кина, јави кинеската државна телевизија CCTV, пренесе Ројтерс.

Температурите во регионот на висока надморска височина паднаа до минус 18 степени Целзиусови во текот на ноќта, што го зголеми притисокот врз спасувачите кои бараат преживеани во област со големина на Камбоџа.

Епицентарот на земјотресот вчера ја погоди областа Тингри во кинески Тибет, на околу 80 километри северно од Монт Еверест, највисоката планина во светот, а се почувствува и во соседните Непал, Бутан и Индија.

Луѓето кои се заробени под урнатините или оние без засолниште се изложени на ризик од брза хипотермија, а експертите проценуваат дека на толку ниски температури можат да преживеат само пет до десет часа, дури и ако не се повредени.

Поврзани новости