Во Македонија недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Амбулантни возила имаме 263, просечно стари по 12 години.
Ова се резултатите од најновите истражувања и бази на податоци на сите амбулантни возила и возила за противпожарна заштита, објавени од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Резултатите покажале дека помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни единици во земјава.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град, Скопје.
34-те противпожарни единици вкупно имаат 284 противпожарни возила. Половина од нив се постари од 30 години, додека само 15 проценти од возилата се стари до 10 години.
Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, со просечна старост од 17 години.
Најстаро противпожарно возило од 57 години е камионот ТАМ од 1966 година, на валандовската единица.
Клучните наоди од истражувањето и базата на податоци на амбулантните и санитетските возила на здравствените установи во земјава, соопштија од ЦГК, се дека во земјава има вкупно 263 вакви возила. Санитетско или амбулантно возило поседуваат вкупно 58 здравствени установи.
– Најстарото возило „мерцедес“ од 1988 година, го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово. Просечната набавна вредност на возилата е 38 илјади евра – се наведува во соопштението.
Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.