Во земјава на државно не се оперира сколиоза: Во Југославија имаше врвни хирурзи, сега за вакви проблеми нема!

Пациентите заглавени помеѓу терапиите и стравот од ризична операција

by Fokus

Здравството во Македонија години наназад се соочува со низа предизвици и проблеми кои задаваат сериозни тешкотии на пациентите од нашата држава. Не е тајна дека голем дел од медицинските кадри си заминуваат од Македонија поради подобри услови во европските земји.

Болна тема за голем дел од пациентите е операција на сколиоза, која на никоја од државните клиники не се изведува долго време. Сколиозата претставува искривување на одреден дел од рбетот, а тешките случаи мора да одат „под нож“ за да го пребродат овој проблем.

„Фокус“ побара статистички податоци и став од Медицинскиот факултет од Скопје во однос на ова здравствено прашање.

„Бројот на специјализанти е во надлежност на Министерството за здравство- согласно потребите на јавно здравствените установи. Дополнително, Медицинскиот факултет во Скопје распишува конкурс за приватни специјализации согласно интересот на докторите невработени и вработени во приватни здравствени установи и согласно расположливите ментори за специјализацијата. Бројот на специјализанити по ортопедија во периодот од 2018 до 2022 година е 37“, ни соопштија од факултетот.

Побаравме став и од Ортопедија, Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и ГОБ „8 Септември“ за тоа дали прават хируршки интервенции на сколиоза, но од трите места добивме негативен одговор.

Операциите на приватно чинат многу, а друго решение е хируршки зафат во странство (најчесто Турција) кој не можат да си го дозволат многу граѓани од земјава.

Пациентка од Скопје, чиј идентитет е познат на редакцијата на „Фокус“, ја раскажа својата животна приказна и борбата со сколиоза која трае повеќе од 30 години.

„Се почна во седмо одделение, пред 32 години, кога бев на систематски преглед. Јас не знаев дека имам сколиоза, а никој не ме ни забележа дека едната страна од грбот ми е искривена. Ми рекоа дека рбетот ми е малку искривен и дека ќе ми дадат корсет и упат за ортопед. Тогаш ми беше соопштено дека мојата состојба е за операција. Ни дадоа упат за „Св. Еразмо“ во Охрид, затоа што на ниво на Македонија и Југославија, таа болница беше една од подобрите за ортопедија“, ја започна приказната нашата соговорничка.

Од старт, таа и нејзините родители се откажале од операција и почнала да оди на пливање, проследено со низа терапии. Со надеж дека нејзината состојба ќе се подобри и трудот ќе вроди со плод.

„Година дена одев на пливање во Воена болница, примав терапии, се трпев само да не одам „под нож“. Имав надеж дека тоа ќе вроди со плод. Кога завршив осмо одделение, заминавме на контрола. Немаше напредок, туку имаше дополнително искривување. Одговорот на тамошните лекари беше дека сколиозата е од нагло растење“, појаснува таа.

Кога ситуацијата била без излез, нашата соговорничка и нејзиното семејство го прифатиле предлогот и кога била осмо одделение се направила операција во „Св. Еразмо“ во Охрид.

„Се помина во најдобар ред, ме оперираше доктор Албена Манева Крстевска. Тогаш имав 51 степен кривина во горниот дел од рбетот. Потоа одев на контрола, се беше во ред. Во прва година средно бев ослободена од физичко образование, но јас си вежбав. Одев неколку години на контрола, а после некое време престанав, затоа што во Скопје немаше специјалисти и јас морав да одам во Охрид за такво нешто“, додава таа.

Сепак, пред шест години се вратил проблемот поради кој се правела операција, но овојпат ситуацијата била поразлична од проблемот од нејзиното детство.

„Сега имам проблем со горниот дел од рбетот. Кога пред година и пол направив преглед, поради неподносливи болки, ми рекоа дека мора да се прави операција долниот дел. Она што е срамота – на Клиника за ортопедија не постои апарат за да се направи панорамска снимка на рбетот, туку само во приватна болница. Зошто такво нешто нема на државно?“, прашува оваа пациентка.

Се обидела преку одредени познаници кои што ги има да праша за операциите на сколиоза и добила вистинско разочарување.

„Еден доктор кој предложи да ме оперира, никогаш не правел сам операција, туку бил само асистент. Јас не сакам нестручни луѓе да се учат на мене. Не можам да му дозволам на некој што нема искуство да ме оперира. Не е ова вадење на заб, целата ситуација е комплицирана. Секој сака добар доктор, ама очигледно во Македонија веќе добар медицински кадар нема. Како во време на Југославија имаше толку добри доктори, а сега за вакви случаи нема? Толку ли не знаеме да ги задржиме добрите медицински кадри во Македонија?“, ја заврши таа својата животна приказна.

Дека сколиозата не е наивен проблем говори фактот дека како што болеста напредува, болката во грбот станува поинтензивна. Деформитетот може да врши притисок на некои нерви, на `рбетниот мозок, што може да доведе до слабост, вкочанетост и болка во долните екстремитети. Во ретки случаи може да дојде до деформирање на градниот кош, што резултира со проблеми со дишењето, замор па дури и срцева слабост.

За повозрасните пациенти останува надежта дека во иднина ќе почнат да се изведуваат вакви тешки операции, кои ќе значат збогум на проблемите кои ги носат на грб со години.

Фото – Св. Еразмо болница – Охрид

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости