Во земјава активни 19.104 случаи со ковид 19

by Fokus

Лесното пренесување на новата варијанта на Ковид-19 – омикрон, како во светот, така и кај нас, продонесе за драстично зголемување на бројот на новозаразени. Според последните податоци во земјава се активни 19.104 случаи.

Од почетокот на пандемијата досега се направени вкупно 1.727.856 тестирања, дијагностицирани се 250.876 заболени, оздравеа 223.606 пациенти, а починаа 8.166 лица.

Министерот за здравство Беким Сали, околу најавите на промените во Комисијата за заразни болести, нагласи дека тие промени ќе бидат во насока на проширување и дополнување на нејзиниот состав со нови професионални кадри од повеќе области, посочувајќи дека во тек се дискусии за тоа прашање.

Професионалното работење на Комисијата за заразни болести, посочи министерот, е од најголема важност, а одговорот кон потребите на граѓаните врвен приоритет.

– Апсолутно го разбирам интересот на јавноста за натамошните чекори поврзани со составот на ова тело, бидејќи околностите бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки. Во оваа Комисија веќе има доста искусни професионалци во своите области, а натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација. Целта на овие мерки е секако намалување на бројот на заразени лица, како и воопшто заштита на јавното здравје, во најдобар интерес на граѓаните, додаде министерот Сали.

Имено, повеќе од три милиони новозараени со коронавирус дневно биле пријавувани во просек во светот помеѓу 13 и 19 јануари, повеќе од петпати отколку на крајот на ноември кога се појави сојот Омикрон.

Во изминатите седум дена во просек биле пријавени 3.095.971 случај на ден, што е зголемување за 17 отсто во однос на претходната недела.

Ширењето на сојот омикрон, предизвика нагло забрзување на пандемијата во  светот во последниве недели: сегашните бројки се околу 440 проценти повисоки од 569.000 случаи дневно пријавени во просек помеѓу 18 и 24 ноември 2021 година, кога омикрон сојот на коронавирусот беше откриен во Јужноафриканската Република и Боцвана.

Тековните податоци се значително повисоки од бројките во претходните бранови на Ковид-19 во светот. Пред појавата на омикрон, рекордот беше 816.840 случаи на ден кои беа пријавени во просек помеѓу 23 и 29 април 2021 година.

Во моментов, најголем пораст на инфекции има во Азија (385.572 случаи на ден во просек во последните седум дена, што е за 68 проценти повеќе од претходната недела), Блискиот Исток (89.900 заразени дневно, +57 проценти) и Јужна Америка и Карибите (397.098, +40 проценти).

И бројот на смртни случаи во светот моментално е во пораст (7.522 смртни случаи дневно во просек во последните седум дена, што е за 11 отсто повеќе од претходната недела) и тој број е поголем од бројките објавени кон крајот на ноември.

Тешките форми на болеста, исто така, се чини дека се поретки кај омикрон отколку кај делта варијанта која претходно доминираше. Во Велика Британија, на пример, бројот на нови инфекции се зголеми за повеќе од 330 отсто во просек помеѓу крајот на ноември и почетокот на јануари. Во исто време, бројот на пациенти на респиратори не се зголеми.

 

Поврзани новости