Ќе поскапат некои од производите со замрзнати цени оти поскапел увозот, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој рече дека во вторник следната недела ќе има корекции на некои од цените откако утврдиле дека увозниците пријавиле поскапи цени во Царинската управа.
„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е истата, ќе остане истата. Генерално нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени, кои се пријавуваат во Царинската управа, следниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Ќе има кај одредени производи многу мало зголемување, како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130–140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошје и зеленчук за производите кои беа наведени во одлуката, нема да има поголема од 100 денари, за што дополнително ќе ја информираме јавноста“, рече Бектеши.
Пред три дена Владата донесе одлука со која доматите не може да се продаваат повеќе од 70 денари, краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, а кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари.
Замрнаа и цените на гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините, лимонот…
Бектеши информираше дека податоците кои ги има Министерството за економија за фиктивните фактури за увоз на овошје и зеленчук ќе ги достави до сите надлежни институции, но и дека ќе ги објави за да ги поттикне институциите да постапуваат.
Министерот обвини дека многумина од големите увозници едни фактури пријавувале во Царинската управа, а други со помали цени имало во компаниите каде што плаќаат.
За напомена, казната за затајување данок е над 10.000 евра.