Во Врховен не е пристигнато решението на Кривичниот суд за Томор Морина

by fokus

Решението на Кривичниот суд со кое се одбива барањето за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК Томор Морина во Србија, се уште не е пристигнато во Врховниот суд.

Од Врховен велат дека откако ќе пристигне кај нив, решението ќе биде испратено за мислење до Јавното обвинителство. Според законската процедура, откако ќе го изготви мислењето Обвинителството го враќа предметот во Врховен суд каде за него ќе одлучува совет од пет судии во рок кој е определен од Кривичниот суд.

Како што посочуваат од Врховниот суд, тоа не би требало да биде подолго од ден или два.

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје вчера донесе решение дека не се исполнети условите за екстрадиција на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Тимор Морина во Србија.

– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по барање на Министерството за правда на РСМ, а по разгледување на целокупната пропратна документација во барањето, како и ценејќи ја  досегашната воспоставена судска пракса и меѓународното право, донесе решение дека не се исполнети условите за екстрадиција на лицето Т.М. во Република Србија како баратели на екстрадицијата, соопшти Основен кривичен суд – Скопје.

Решението, заедно со предметот, согласно член 65 ст. 5 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја, треба да биде доставено до Врховниот суд за понатамошно одлучување.

– Воедно, мерката притвор против лицето, определена по предлог на Обвинителството на 25.07.2019 год, продолжува да опстојува до правосилноста на решението од Кривичниот совет, односно до одлучување по предметот од страна на на Врховниот суд на РСМ, соопшти Основен кривичен суд – Скопје.

Поврзани новости