Функционери на Владата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ објавија селфи од првото пробно возење на отворањето на делницата Куманово – Бељаковце со еден од кинеските возови кој за оваа специјална намена во депото на МЖ Транспорт беше сервисиран, исчистен и подготвен да развозува политичари.
Кинескиот воз ја извозе новата пруга Куманово – Бељаковце, во должина од 30,8 километри, која е првата реализирана секција од пругата кон Бугарија на коридорот 8 и која се градеше цели 28 години. Изградбата чинеше 78 милиони евра. На оваа делница има три нови железнички станици, шест стојалишта, пет моста, еден тунел и многу други инфраструктурни објекти.
Од фотографиите и видеата во медиумите и на социјалните мрежи се гледаше дека на патниците им е тесно во седиштата на кинескиот воз кој е еден шесте патнички композиции кои ги нарача поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски.
Во тендерската спецификација има неколку барања од државата како купувач на четири моторни и две електромоторни патнички композиции кои ги плати 25 милиони евра.
„Понудувачот треба да ги нагласи аспектите на удобност, естетика, безбедност и сигурност што ќе резултира со удобно патување. Преминувањето на патниците низ возот треба да биде лесно и безбедно. Погледот треба да биде транспарентен и да не е попречен од бариери. Тоалетите ќе бидат поставени на истиот начин.
Возовите треба да бидат опремени со соодветна климатизација, греење, вентилација, осветлување, акустични и визуелни информации, системи за безбедност и итни случаи, во согласност со стандардите.
Понудувачот ќе предвиди полици за багаж според состојбата на ентериерот и искуството од други DMU/EMU проекти за меѓуградска употреба, како и корпи за отпадоци, куки за гардероба, таблети што се преклопуваат, приклучоци за напојување за мобилни уреди итн“, стои во делот на документацијата за опрема во возовите.
На тендерот се барале седишта од втора категорија со димензии кои треба да бидат усогласени со прописите за меѓуградски возови, а треба да бидат анатомски обликувани, со анти-вандалистичка конструкција и опремени со рачки, лесни за чистење и отпорни на графити.
Во спецификацијата нема ниту едно барање кое се однесува на транспортот на миленици и на велосипеди, што е нормално за патничките меѓуградски возови ширум Европа. Поради немање услови за транспорт на багаж и животни во кинеските возови, МЖ транспорт во 2022 година донесе Правилник за превоз на патници, багаж и животни.
Поголеми кучиња можат да носат само припадниците на МВР, ловците или слепите лица. Може да патуваат во патнички вагони со купе од втора класа, но само ако не се противат сопатниците.
Во правилникот постојано се нагласува дека со миленици може да се патува само во вагон со купе. Но, откако во 2016-та година пристигнаа кинеските возови, МЖ Транспорт оперира во патничкиот сообраќај само со тие композиции и ретко во возниот ред може да се види воз со купеа што ги дискриминира патниците кои нема каде и кому да ги остават своите кучиња.
Инаку, за неколку недели ќе се воведе редовна железничка линија Скопје – Куманово, а во одредени денови возот ќе сообраќа до Бељаковце, за жителите на кумановските села во тој дел од регионот.
Ниту премиерот, ниту министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ниту некој од Македонски железници не ја објаснија потребата воз да сообраќа од Куманово до Бељаковце каде што има неколку населени места, наместо таа композиција да се користи да се обноват линиите до Кичево, преку Тетово и Гостивар, како и до Кочани преку Штип со што ќе се задоволат потребите на над 200.000 жители кои во моментов не корисат железнички превоз.
Орце Костов