Нема преговори во однос на химната, грбот, но нема ни табу теми, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити. Тој додаде дека Македонија во моментов има поважни работи од промена на грбот и химната.
„Политички договор има за владината програма која што има утврдени столбови како што се економскиот развој, животниот стандард, ЕУ-интеграцијата, враќање на правната држава, децентрализацијата. Тие се секојдневно во нашиот фокус и целосно сме посветени на овие столбови. Не сакам да навлегувам во нешто за што нема преговори, нема политички договор. Не криеме ништо“, изјави Меџити.
Тој пред два дена за албанските медиуми предложи химната да се изведува без текст што предизвика реакции и во владината коалиција.
Реакција имаше и од партнерот во владината коалиција – ЗНАМ, од каде порачаа дека на државата не ѝ се потребни нова химна и грб.
„Државниот грб што го имаме во моментот ги задоволува сите потреби. Не е точна тезата дека само одреден број на држави кои се настанати во поствоениот период ги носат комунистичките определби. Денес имате држави членки на ЕУ токму со грбови коишто се донесени уште во тој временски период и се прогресивни и напредни држави, како што е Словенија“, вели претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.