Во Велес хоспитализиран еден пациент кој се вратил од Шведска со симптоми на корона вирус

by fokus

На Инфективното одделение при велешката Општа болница од вчера е хоспитализиран маж кој пред 10 дена се вратил од Шведска и кој има симптоми слични на коронавирусот. Има покачена температура и сува кашлица, а добил и мозочен удар.
-Земен му е брис и се чекаат резултатите од лабораторијата во Скопје, изјави за МИА докторка Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општата болница.

Таа апелира до граѓаните да не се шират лажни вести и информира дека засега во Велес нема ниту еден потврден случај на Ковид-19 и нема место за паника.

За постариот брачен пар кој се вратил од Германија за кој во јавноста се ширеа дезинформации дека се заразени од корона вирус, докторка Николовска Неделкова вели дека тие немаат симптоми на корона вирус и се вратени во домашна самоизолација уште една недела или за вкупно 14 дена колку што е потребно да се самоизолираат.
Од Центарот за јавно здравје велат дека нема место за паника бидејќи нивните епидемиолошки екипи секојдневно ја следат состојбата на терен и засега нема регистрирано случај на заболен со коронавирусот.

Доктор Тони Димитриев апелира до граѓаните кои се враќаат во земјава од странство да не се јавуваат без потреба во Центарот за јавно здравје, туку да самоизолираат со што ќе го заштитат сопственото, но и здравјето на останатите граѓани.

– Кај нас да се јават само оние кои имаат сиптоми како покачената температура, сува кашлица и отежнато дишење, а останатите кои се вратиле од странство да се придржуваат кон мерките за 14-дневна самоизолација, појансува Димитриев.

Центарот за јавно здравје од Велес ја следи состојбата и во општините Свети Николе, Неготино, Кавадарци и Гевгелија.

Поврзани новости