Интервју: Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Бимилк
Заканата од ширењето на болеста предизвикана од коронаврусот целосно го поремети нормалното одвивање на сите активности во државата. Секако, освен заканата по човечки животи, многу голема е и онаа по стопанството кое трпи сериозни штети? Како Вие како Бимилк се справувате со новонастанатата состојба?
Од самиот почеток, делуваме на единствениот разумен начин во ваква ситуација – продолжуваме да го работиме тоа во што сме најдобри, со цел да го одржиме континуитетот на производството и дистрибуцијата, да ги заштитиме нашите вработени и да дадеме свој придонес за општата состојба во државата. Се појавуваат проблеми, но за секој нов проблем наоѓаме решение. За таа цел, беа формирани и работни групи за примена на брзи, креативни и прагматични одговори на одделни проблеми, често пати предвидувајќи и барајќи решенија однапред.
Истовремено во целост и строго ги почитуваме препораките за заштита и превенција упатени од Министерството за здравство во сите делови од работењето. На тој начин, обезбедивме континуирано производство и достава на производите до сите делови од државата.
Секако, не заборавивме на нашите партнери – фармерите, на кои им понудивме разни форми на поддршка со цел пребродување на кризните моменти и обезбедување на континуитетот на нивните активности. Нив ги гледаме исклучиво како составен и нераскинлив дел од нашиот систем.
Дали производството и пласманот на производите на Бимилк се одвиваат нормално и во вакви околности, особено кога е зголемена потрошувачката на прехранбени производи?
Верувам дека не постои човек на планетава кој во периодов ќе Ви каже дека било што е нормално. Сепак, целата прехранбена индустрија па и БиМилк во тие рамки, многу брзо се мобилизираше. Во оваа ситуација, во целост дојде до израз важноста на доброто претходно планирање, што ни овозможи кризата да ја дочекаме спремни и да го премостиме првиот момент на потрес и шок. Затворањето на границите и целосниот прекин на транспортот во текот на неколку дена во март, створи сериозни предизвици и го напрегна ланецот на снабдување до работ на пукање.
Истовремено, се соочивме и со предизвикот на големиот раст на побарувачката на прехранбени производи, на моменти и паничното купување и креирање домашни залихи. Затоа и истапивме со смирувачки пораки до потрошувачите дека нема потреба од панично купување храна, зашто сите бевме максимално посветени да се обезбеди доволно и навремено снабдување.
Колку најновите и порестриктивни мерки околу дозволеното движење на граѓаните ќе влијаат на работењето на Бимилк?
Во делот на снабдувањето со сурово млеко и производството, самите рестриктивни мерки немаат влијание. Одредени стратешки сектори на економијата мораат да продолжат со работа дури и во случај на најстроги мерки и ограничувања на движењето. Тука би ги спомнал здравствените организации, одбраната и безбедноста, обезбедувањето стратешки производи и услуги како што се лекови, електрична енергија, вода, гориво, комуникации и се разбира производството на храна.
Главниот предизвик е исправен пред дистрибуцијата и малопродажбата, кои мораат да одговорат на зголемената побарувачка во скратено време за работа и пристап на потрошувачите до малопродажните објекти. Во овој период веќе не се работи за вообичаените пикови пред празници, кои ни се познати и за кои има претходни искуства. Се работи за една уникатна ситуација за која никој од нас нема претходно искуство, ниту прирачник за постапување. Но, работиме упорно и посветено и од тоа нема да отстапиме, со цел да ги задоволиме потребите со квалитетен производ во најголема можна мерка, при целосно запазување на правилата за превенција и заштита.
Прочитајте го целото интервју во печатеното издание на Фокус, (1281/ 23.04.2020).