Нема запишување во училиште без уреден вакцинален картон. Со одлука на Влада од мај месец, се примаат документите на сите деца кои ги исполнуваат условите да појдат на училиште, но се запишуваат само оние кои имаат потврда дека ги примиле задолжителните вакцини.
Иако бројот на новозаболени пациенти со морбили е драстичо намален во последниот период, сепак се плашам дека епидемијата може да се прошири од 1 септември кога децата ќе појдат на училиште и во градинка. Затоа внимателно ќе следиме што ќе се случува, вели за „Мета.мк“ министерот за здравство Венко Филипче.
– Деновиве ќе се сретнам со министерот за образование и наука Арбер Адеми, за да видиме какви мерки ќе преземеме во врска со оние деца кои се пријавени да појдат во прво одделение, а не се вакцинирани – рече Филипче.