Ниту сум имал некакви симптоми на корона вирус, ниту пак некој од семејството сме знаеле дека бил инфициран, но кога направив имунолошки тест за одредување на антитела кон Ковид-19, резултатот покажа дека веќе ги имам.
Според она кое ми беше кажано, концентрацијата на антитела ми е ниска, што би значело дека сум го прележал вирусот пред подолг период, можеби минатата есен, не би знаел да кажам со сигурност – вели неготинчанец, кој мината недела направил тест за концентрација на антитела во приватна лабораторија.
Додава дека цената на тестот е 1.200 денари, а го направил бидејќи сакал да биде сигурен, откако и на други негови сограѓани, исто при тестирање им биле детектирани антитела, без да знаат дека некогаш биле инфицирани со вирусот.
И во Кавадарци голем е бројот на луѓе кои изминатиот период се тестираат за антитела.
Наша соговорничка ни открива дека првенствено се тестирала бидејќи градот подолг период е жариште на вирусот, и покрај тоа што немала симптоми на вирусот, се сомневала дека била во контакт со лица кои го прележале истиот.
-Во Кавадарци нема човек чиј близок роднина, колега или пријател не бил заразен. Сите ние имаме некого кој во одреден период бил во некаков контакт со инфицирано лице, со или без наше знаење. Се тестирав, имам антитела, иако не знам кога сум била инфицирана. За среќа, се поминало лесно, дури и моите дома не покажаа симптоми- вели таа.
Интересот за имунолошките тестови за одредување на концентрација на антитела кон Ковид-19 во Тиквешко е голем. Граѓани со кои разговаравме, а кои веќе се тестирале, велат дека тоа првенствено го сториле со цел да знаат дали биле во контакт со вирусот, но и каков е имунолошкиот одговор на нивниот организам кон вирусот.
-Цела фамилија се тестиравме, бидејќи јас бев позитивен на вирусот минатиот ноември. Се уште имам високо ниво на антитела, но и мои блиски кои немаа симптоми на вирусот имаат антитела. Тестирањето го направивме во приватна лабораторија, а антителата се одредуваат преку земање на крв. Секако дека продолжуваме да се придржуваме до мерките за заштита, но на некој начин сакавме да бидеме дополнително сигурни и да го знаеме нашиот имунолошки статус. И покрај се, сепак ќе се вакцинираме против вирусот, кога за тоа ќе има услови – ни раскажа млад неготинчанец.
Од почетокот на пандемијата во Тиквешко, односно во Кавадарци, Неготино и Демир Капија се регистрирани 6.854 случаи на вирусот. Починаа 153 лица. Моментално се активни 1.193 случаи.
Сепак, се проценува дека бројката од 6.854 позитивни случаи е далеку од реалноста и е многу повисока.
Минатиот месец на пример, во интервју за „Фокус“, д-р Јован Кузманов од Неготино, кој од почетокот на пандемијата работи со ковид позитивни пациенти, ни изјави дека има многу случаи кога лица со симптоми на вирусот, сепак се негативни на тестот, и покрај тоа што во семејството имаат веќе инфицирани членови.
Голем е бројот и на такви случаи, кога лица имаат благи симптоми по неколку дена, но не се тестираат, поради што не можат да бидат евидентирани во статистиките, со што се добива нереална слика за вистинскиот број на пациенти кои го прележале вирусот.