Со доаѓање на летото и покачените температури, СВР-Велес изминатиов период регистрираше поголем број на мотоциклисти по патиштата и улиците во Велешкиот и Тиквешкиот регион.
Со цел да не се доведува во прашање сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, СВР-Велес апелира до мотоциклистите, задолжително да користат заштитна опрема кацига, да поседуваат соодветна возачка дозвола, редовно да ја проверуваат техничката исправност на моторите и навреме да ги регистрираат.
Покрај ова ги советуваме возачите да не седнуваат на мотоциклите со необновени полиси за осигурување, посебно доколку станува збор за мопеди до 50 „кубици“ – потенцираат од СВР Велес.
Паричната казна за некористење на заштитни шлемови изнесува 50 евра, за управување на мотоцикл без возачка дозвола 250 евра, за истечена регистрација од 100 до 500 евра и за необновена осигурителна полиса 100 евра во денарска противвредност.
СВР-Велес преку Отсекот за превенција стартуваше со имплементација на превентивно едукативни работилници со помладата категорија на возачи на мотоциклисти во соработка со локалните совети за превенција при Општините Велес и Кавадарци, а во соработка со РСБСП реализираше и сообраќајно воспитни активности кои ќе продолжат во текот на целото лето.
Вики Клинчарова