Голем број на домашни миленици, кучиња и мачиња во Неготино, во петокот навечер биле покосени од разорен отров кој бил расфрлан на повеќе локации во градот.
Сопственици на миленичињата, кои во агонија им умреле на раце, на социјалните мрежи посветени на општината информираат за масовното труење, и алармираат конечно да се најдат трујачите, кои редовно, на секои неколку месеци прават ,,кланица” во градот, и истовремено ја загрозуваат јавната безбедност.
Се објавија повеќе фотографии од отруени кучиња и мачиња, за кои граѓаните појаснуваат дека од мали ги чувале како домашни миленичиња, и бараат институциите да стават крај на ова ѕверско однесување на поединци.
-На детенцето, на раце му умре кученцето синоќа, по труењето во населбата Саат Кула. Пробавме да го спасиме, но за жал, касно беше, пишува жена од Наеготино, под фотографијата со едно од отруените миленичиња.
Во Неготино не е прв пат граѓаните да затекнат вакви слики, кога повеќе миленици се отруени и оставени мртви на улиците. Редовно се апелира да сфати сериозно расфрлањето на силен отров на јавни површини, пред да се случи да се отруе и дете, но барем досега, ниту еден трујач не завршил зад решетки, како што е пропишано според Закон. Се работи за две кривични дела, и тоа за кривично дело предизвикување на општа опасност од член 288, но и кривично дело мачење на животни од член 233.
За кривичното дело предизвикување на општа опасност, каде законодавецот ја штити сигурноста и безбедноста на имотот и луѓето, полицијата и јавното обвинителство се должни да постапуваат по службена должност.
За предизвикување на општа опасност е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а пак за мачење на животни и суров третман, предвидена е парична казна или затвор до шест месеци.
Еден од ретките случаи, кога трујач беше фатен на камери додека ја остава ќесата со отров, од кој потоа починаа повеќе миленици, на почетокот на јануари минатата година, се уште нема судска разрешница.
Како што откриваат за ,,Фокус” сведоци, се уште трае судскиот процес против трујачот, кој постојано ги одлага рочиштата, и токму ваквите практики се причина јавноста да нема доверба во институциите, па поради тоа дури и да не пријавува во полиција труење на миленик.
-Секое труење на животно мора да се пријави во полиција, а полицијата и обвинителството се должни да постапат според службена должност! Отруените животни мора да се однесат на обдукција, за да се утврди со каков отров се убиени.
Тука се работи за кривично дело, и ако станува збор за отровот Ланате, по кој најчесто посегаат трујачите, истиот не може да се пронајде во земјоделски аптеки по регуларен пат. Веќе пет години овој инсектицид е целосно забранет во земјава и се купува по нелегален пат.
Затоа, треба да се вклучи и Инспекторатот за земјоделство, и да утврди дали овој отров го има во малопродажба.
Без разлика дали отруените животни ќе бидат најдени од нивните сопственици, од друго лице, или пак од вработени во комунални претпријатија, мора да се повика полиција и никој не смее да го отстрани животното пред да дојдат службите. Со судски налог, тие треба да го пратат на обдукција, појаснуваат правници за ,,Фокус”.
Но, ретко кој од сопствениците пријавува труење во полиција, бидејќи, како што повеќето од нив раскажуваат за ,,Фокус”, не веруваат дека институциите ќе го најдат трујачот. Потенцираат дека во денешно време, кога насекаде има безбедносни камери, ако се има волја, лесно може да им се влезе во траг на трујачите, но очигледно не се пристапува сериозно на проблемот, па затоа се чести и сликите со отруени миленици.
И од СВР Велес потврдија дека не е пријавено труење на миленици во Неготино викендов. Од таму апелираат граѓаните да го пријават во полиција секое труење на животно.
Отровот ланате, од кој во тешка агонија умираат милениците, исто е разорен и за човекот. Пред повеќе години во Скопје имаше случај кога почина дете, питач, од ланате оставено во храна, покрај контејнер. Лани, во октомври пак, во Скопје починаа две жени, а еден маж заврши на клиника во сериозна состојба, откако по грешка ставиле од отровот во храната која ја приготвувале дома. Наводно, го чувале дома отровот, за со него да трујат глувци.
Тогаш ,,Фокус” разговараше со повеќе агрономи, кои потенцираа дека отровот е строго забранет во земјава, но и покрај тоа широко распространет, за што сведочат честите труења на кучиња и мачки, за кои никој не одговарал.
-Го нарачуваат се уште за прскање, бидејќи е најефикасно средство кое нема замена. Шофери го носат од Турција, преку Грција, а некои и од Кина, и така стига кај нас. Од она кое го знам, сега се продава по цена од околу 1.000 денари за сто грама.
Тоа е јавна тајна, во домовите на многу земјоделци може да се најде. Станува збор за мали ќеси кои се лесни за шверцување и не се сфаќа големата опасност од овој производ.
Се надевам дека трагедијата која се случи во Скопје ќе им ги отвори очите на оние кои чуваат ланате, а институциите сериозно ќе се посветат на откривање на трујачите на животни со овој отров, оти излезе дека денес куче, утре човек, не е напразно кажано –појасни агроном од Тиквешијата за ,,Фокус”, набргу откако се случи трагедијата во Скопје.
Вики Клинчарова