Според тврдењата на рускиот истражен комитет, во телефонот на еден од обвинетите за терористичкиот напад во Москва, биле пронајдени фотографии од војници во маскирни униформи со знамето на Украина!
– На телефонот на терористот имаше фотографии од луѓе во маскирни униформи со украинско знаме на позадината на уништени куќи и украинска поштенска марка со непристоен гест – објави Истражниот комитет на својот канал на Телеграм.
Истрагата утврдила дека напаѓачите за терористичкиот напад ја избрале концертната сала „Крокус“ по налог на менторот кој ги насочил нивните дејствија.
– На 24.02.2024 година, еден од соучесниците ги испратил менторските видеа од влезот во „Крокус“ и од пристапните патишта до салата – се наведува во соопштението.
Истражителите нагласија дека обвинетиот во својата изјава ги признал овие наводи.
Истражниот комитет во моментов ја истражува вмешаноста на претставници на украинските специјални служби и исламистички терористички организации во организацијата и финансирањето на терористичкиот напад.
Група терористи, да потсетиме, на 22 март упаднаа во концертната сала „Крокус“ во северозападниот дел на Москва, по што од непосредна близина пукаа во толпата и фрлија запаливи бомби.
Министерството за вонредни состојби соопшти дека според последните податоци во нападот загинале 144 лица.
Досега се уапсени десет обвинети, меѓу кои и четворица државјани на Таџикистан, кои според истражителите биле директни извршители на терористичкиот напад.
Федералната служба за безбедност на 1 април во Дагестан уапси четворица странци кои наводно учествувале во финансирањето и обезбедувањето оружје на терористите кои го нападнале „Крокус“.