Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција, упати најостра осуда за масовниот напад на Иран врз Израел во текот на ноќта, што може да доведе до дополнителна ескалација на состојбите во Блискиот Исток.
-Го осудуваме овој напад како што ги осудивме и претходните, и како што ќе ги осудиме и евентуалните следни одмазднички напади кои се најавуваат. Насилството раѓа насилство, а овој повторувачки круг на одмазда неповратно ја ескалира состојбата во регионот, која многу лесно може да се прошири; повикуваме на итно стопирање на сите насилства, затоа што ако сега не се прекине со насилството од одмазда, состојбата наскоро ќе ја помине точката од која враќање назад – нема, рече тој.
Османи се осврна и на многу тешката ситуација на цивилното население во Газа, нагласувајќи „Израел сноси своја одговорност за страдањата на цивилите, што ние принципиелно го осудуваме“.
Според него, доколку не се спречи натамошната крајно негативна динамика, има потенцијал да се претвори во регионална војна, што директно или индиректно ќе има влијание и надвор од регионот. Воедно, додаде дека заедно со актуелната агресија на Русија во Украина, уште една сериозна регионална воена криза на Блискиот исток, може да има драматични импликации по меѓународниот мир и стабилност.
Исто така, Османи потсети дека Министерството за надворешни работи ги извлече најголемиот број на наши државјани кои се наоѓаа во Израел, со организиран лет во октомври минатата година, а дел останаа согласно своја сопствена одлука. Според податоци со кои располага Министерството, во Израел има најмногу 40-50 наши државјани, меѓу кои и семејствата на нашиот дипломатски персонал во Тел Авив.
-Би сакал да информирам дека прва одлука што ја донесов утринава е одлуката за формирање на кризен штаб, примарно надлежен да организира извлекување на нашите државјани од Израел и пошироко Блискиот исток, доколку се јави потреба за тоа. Извлекувањето ќе зависи од динамиката на состојбите идните часови и денови, како и отворениот аеродром во Тел Авив, кој денес, во утринските часови, повторно е ставен во функција, но работи со ограничен капацитет. Единствената алтернативна рута е копнениот пат преку Јордан, потврди Министерот.
Дополнително, Османи повика Претседателот да свика седница на Советот за безбедност каде би се разгледале можните сценарија од евентуалното ескалирање на состојбата на Блискиот Исток и повторното актуелизирање на балканската мигрантска рута.
Османи потсети дека персоналот на Амбасадата е на безбедно и останува на располагање на нашите државјани.
-Ги повикувам сите државјани на Северна Македонија во Израел да бидат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон + 972 549 267 378, како и SOS дежурните телефони на Министерството за надворешни работи (+389 75 273 732/ +389 75 268 736), со цел подготовки за евентуална евакуација, истакна Османи.