Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 3.356.014 лица. Од нив починале 236.975, а оздравеле 1.067.584 луѓе.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека сè уште ја смета пандемијата на новиот коронавирус за глобална здравствена вонредна состојба, што претставува највисоко ниво на закана во категоризацијата на оваа организација.
Вонредната состојба воведена во Јапонија поради епидемијата на Ковид-19, која требаше да биде укината следната недела, ќе биде продолжена за речиси уште еден месец, изјави јапонскиот премиер Шинѕо Абе.
Во Италија во последните 24 часа починаа 269 лица од новиот коронавирус, а новозаразени се 1.965. Со тоа вкупниот број на заболени во земјата достигна 207.428, а на починати 28.236.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте најави можност за дополнително ублажување на мерките за карантин.
Во Унгарија од следната недела ќе биде дозволено одржување на два спортски натпревари.
Сите училишта и факултети во американската сојузна држава Њујорк ќе останат затворени, а до крајот на овој месец ќе биде донесена одлука за работата на летните училишта, изјави гувернерот Ендрју Комо.
Во Шведска во последното деноноќие се регистрирани 67 смртни случаи и 428 новозаразени лица.
Авиокомпанијата „Рајанер“ најави програма за реструктуирање, со која во Европа ќе укине 3.000 работни места и ќе затвори свои седишта по проблемите во воздушниот сообраќај предизвикани поради пандемијата на новиот коронавирус.
МекДоналдс на 13 мај ќе отвори 15 свои ресторани во велика Британија, кои ќе функционираат само преку достава.
Чешка ги ублажува рестриктивните мерки. Се отвораат кината и фризерските салони.
Сојузната држава Њујорк му платила 69 милиони долари за респиратори на човек кој нема никакво искуство во производство на вакви апарати. Тој својата услуга му ја понудил на американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер, а тимот на Белата куќа за борба против коронавирусот го препорачала за производител, објави Бизнис Инсајдер.