Во светот на големи и мали кучиња

by Fokus

Пишува Денко МАЛЕСКИ

„Ние кога ќе донесеме одлука, умираме, но не се враќаме назад“, му вели турскиот на македонскиот претседател. Да, Турција е доволно голема и силна држава за да може да им пркоси на најголемите и да им држи лекции на малите.

Но, и малите држави имаат свои приказни. Ламентирајќи над нашата заедничка судбина, естонскиот министер за надворешни работи ми раскажува дека во неговата земја има поговорка која вели: „Ако веќе мораш да клоцнеш куче, внимавај да е малечко“.

Да, има мали и големи кучиња во светската политика. Тоа е исто со она што некој дамна го запишал, имено, дека во морето на светската политика пливаат китови и сардини. Како ги регулираат своите односи овие „животни и риби“?

На отворањето на Конференцијата за Југославија, во 1991 година, Французинот Бадинтер кажува дека силата нема место во денешна Европа, а правото значи не само мирољубиви туку и праведни решенија.

Подоцна, кога крвавите етнички војни ја потврдија аргументацијата на школата на реалистите дека силата, а не правото, е она што е одлучувачко во односите помеѓу народите, еден француски министер со кого разговарав за ужасното поведение на Грција, ми ја дава оваа сугестија: именувајте за министер за одбрана на Македонија припадник на турското малцинство од вашата земја и таа функција нека ја обавува од Анкара.

Претседателот на Македонија, денес е во Турција токму со таа задача: да ѝ покаже на Грција дека Макијавели бил во право кога рекол дека „непријателот на нашиот непријател е наш пријател“. Но, претседателот е човек кој секогаш се повикува на меѓународното право и ја отфрла силата во меѓународните односи. Зошто тогаш ја бара силата на Турција?

Затоа што во светот во кој живееме, во крајна линија, одлучува силата. Но, зад секоја сила стојат интереси кои кажуваат до каде е спремна една држава да оди во поддршката на друга. Дали интересот на Турција е да завојува со Грција заради Македонија? Не, но добро е да ја имаме силата на Турција на наша страна.

Претседателот лесно ја учи оваа лекција затоа што зборуваме за сила која ни оди во полза. Но, работата е во тоа да разбереш дека, во меѓународната политика, постојат и сили кои не ти одат во полза, да го земеш сето тоа предвид, да се прилагодиш на ситуацијата и да го извлечеш најдобриот можен компромис.

 

 

 

Поврзани новости