Четворицата малолетници кои вчера во тешка здравствена состојба и во бессознание беа хоспитализирани на Клиниката за токсикологија, денеска се во стабилна и свесна состојба, информира директорот на Клиниката Андон Чибишев во изјава за „360 степени“.
„Сите четири лица се во стабилна состојба, свесни се и контактибилни“, вели Чибишев.
Тој додава дека, според направените анализи, кај малолетниците, кои се на возраст од 14 до 17 години, било регистрирано присуство на психотропни супстанци, но не било пронајдено дека користеле алкохол.
Малолетниците, вели директорот на Токискологија, ќе бидат задржани на Клиниката уште неколку дена и нивното лекување ќе продолжи.
Вчера, четворицата – две момчиња и две девојчиња – беа однесени на Клиниката во бессознание, по што беа преземени мерки за нивна реанимација.
Случајот вчера го потврдија и од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде информираа дека во полицијата било пријавено нарушување на јавниот ред и мир, а четворицата малолетници биле пронајдени во куќа на лице со иницијали Д.Г. (40).
Од МВР рекоа дека во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот.