Во кумановскиот суд денеска продолжи рочиштето во кое обвинет е градоначалникот на општина Куманово – Максим Димитриевски, за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случајот за недобивање дозволи за градење згради во Куманово, пренесе државната МИА.
На денешното рочиште беше сослушан сведокот на одбраната, Александар Гелевски, секретар на општината и архитект.
На прашања на адвокатот на Димитриевски, секретарот на општината рече дека бил информиран од почетокот на постапката од поднесувањето на идејниот проект кога на барање на еден од сопствениците на една од компаниите и за самиот текст на постапката. Како што појасни, прво стигнал допис од кумановската гимназија која укажала дека поради висината на објектот ќе има сенка која негативно ќе влијае врз фотоволтаиците поставени на покривот. Од образованата установа биле загрижени и за движењето на учениците поради паркирањето. Подоцна пристигнал допис и од здравствен дом (школска амбуланта) кои биле загрижени за пристапот кон установата. По пристигањето на овој допис, Гелевски го запознал Димитриевски, побарале во телефонски разговор стручно мислење од професор за ДУП-от.
Во меѓувреме од годишен одмор била повикана и раководителката на секторот за урбанизам, која на едно од претходните рочишта исто така сведочеше. Тие оствариле и средба со професорот, кој кажа дека дописите биле издржани и дека се загрозува јавниот интерес и им било посочено да се суспенцира ДУП-от на година дена и да се подготви нов план. Бидејќи прв пат се соочиле со можност за суспензија побарале писмено образложение, по што ДУП-от го разгледала комисија за урбанизам. По ова било побарано мислење од Министерството за транспорт и врски.
Адвокатите на оштетените во неколку наврати прашаа дали е позитивно мислењето на министерството, на Уставниот суд, на Управниот суд, кои ја поништиле одлуката на Советот за суспензија на ДУП-от.
Гелевски нагласи дека инвеститорите имале право на приговор. Подоцна се чекало на одлука на Уставен суд, која била во корист на инвеститорите, но еден од уставните судии имал свое образложение дека е загрозен јавниот интерес.
Адвокатите на оштетените укажаа дека во текот на постапката, општинските служби прекршиле член од закон и не ја подготвиле во даден рок пресметката за комуналии со што директно ги оштетиле фирмите.
И сведокот рече дека во моментов се гради на парцелата. Еден од инвеститорите го праша Гелевски дали самиот му сугерирал дека идејниот проект бил добар и дека треба да се аплицира во системот е-дозволи и дека на средбата дебатирано било за паркинг просторот и за зелената површина која законски мора да опфаќа одреден процент.
На судењето беше посочено дека за прв пат се носи одлука за суспензија. По завршување на судењето изјава даде адвокатот на инвеститорите, Виктор Цветковски, кој рече дека сослушувањето на секретарот како сведок предложен од одбраната има за цел да се намалат штетите од кривичното дело на обвинетиот и дека одбраната сакала да каже дека немало штета.
– Факт е дека делото што е сторено од обвинетиот Димитриевски и изведените докази произлегува умислата дека со непотпишување на пресметката за комуналии за градба се предизвикува свесна штета и се попречува одлуката за градење. Се она што беше дадено како исказ се фокусира во делот на суспензијата на ДУП-от, свесни сме дека се избегнува делот за конкретното кривично дело, непотпишување на пресметка на комуналии со одреден рок. Факт е дека одобрението е дадено, градбата е почната, но сето тоа е сторено по одлуките на уставниот суд кој ги укина одлуките на општината, со одлуките на Управен суд што е направено по отпочнување на кривичната постапка изјави Цветковски.
На наредното рочиште ќе бидат сослушани вешти лица од економски и градежно-архитектонски аспекти.
На претходните рочишта Димитриевски кажа дека не се чувствува виновен, сопствениците на компаниите Бобан Спасовски и Емил Георгиевски сметаат дека се оштетени со одлуката за суспензија на ДУП-от за парцелата и побаруваат над 3,3 милиони денари.