Во Струмица воведени мерки поради надминување на прагот за загадување

by Fokus

Поради надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, и тоа надминување на вредноста од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни дена, од денеска во Струмица стапуваат во сила препораки и мерки во случај на надминат праг на алармирање.

„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и надминување на вредноста од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, информираме дека истиот е надминат на мерното место во Струмица“, наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Согласно настанатата состојба, за Струмица важат следните мерки:

Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола
Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати
Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци
Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила
Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата
Забрана на горење на отворено
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар
Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот
Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

Поврзани новости