Општина Струмица доби клуб за лица со Даунов синдром. Станува збор за катче каде лицата со Даунов синдром и нивните семејства ќе можат да се дружат, да разменуваат искуства, а ќе бидат застапени и едукативни содржини.
Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кој присуствуваше на отворањето на клубот ,,Деца на сонцето” кажа дека е горд што во општината започнува да функционира првиот ваков клуб во Македонија.
-Јас како Градоначалник и членовите на Советот, денеска имаме вистинска причина да бидеме посебно горди затоа што како плод на една 14-годишна успешна соработка со една од најактивните граѓански организации во Струмица – Здружението „Вера“, го отворивме првиот Клуб за деца и младинци со Даунов синдром во Македонија.
Клубот претставува едно убаво катче во кое преку игра, инклузивни и едукативни содржини им овозможуваме подобри услови и услуги на децата и младинците со Даунов синдром и на нивните семејства.
Ова што денеска се случи е потврда дека општина Струмица ја зајакнува соработката со граѓанските организации, Струмица потврдува дека е грижлив град во кој има место за сите.
Нека ни е честит првиот клуб „Деца на сонцето“.
Ние вака знаеме да се грижиме за сите наши сограѓани. Во Струмица сите сме исти-истакна Костадинов.
Како што претходно информираа од општината, клубот се отвора со партнерство помеѓу Здружението на граѓани за помош и поддршка на лица со Даунов синдом „Вера“ и Општина Струмица.
Главни активности на клубот ќе бидат ставање во функција на интерактивно, инклузивно, едукативно и забавно рекреативно катче за децата и лицата со Даунов синдром кои ќе работата под менторство на едукатор-аниматор-тутор во рамките на целиот 12-месечен период, катче за психосоцијална помош и поддршка на семејствата со деца и лица со Даунов синдром и неформално инклузивно катче за дружење, размена и споделување на искуства помеѓу семејствата со деца и лица со Даунов синдром во функција на обединување и здружување во процесот на остварувањето на своите права и промена на сегашната состојба.
Вики Клинчарова