Во Струга се одржа Литијата со моштите на Свети Георгиј Победоносец

by Fokus

Со отслужување на ктиторската вечерна богослужба во храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга и молитвена поворка низ градот, попладнево се одржа познатата струшка Литија (Еордија) со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица.

Молитвената поворка од храмот на светителот, според традицијата, се движеше низ централните градски улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно се вратија во црквата, каде верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на Свети Георгиј.

Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица истакна дека како и секоја година стружани најгостољубиво и најдостоинствено ги пречекуваат моштите на Св. Георгиј Победоносец и крминската икона на Богородица кои многу силно го излеваат својот благослов кон сеопштата и сенародна радост.

-Велам сеопшта и сенародна, бидејќи околу оваа литија е обединета и целата наша земја и соседните простори, нагласува сестра Ефимија.

Верничка, учесничка на литијата забележува дека секоја година се поголем и поголем број на луѓе се собираат и дека годинава таа стана не само балканска, туку и дека доаѓаат луѓе кои се иселени од Америка, Австралија за да присуствуваат на оваа литија.

Поврзани новости