Најмалку 85 луѓе загинаа, а повеќе од 322 се повредени во Сана, главниот град на Јемен, при стампедо, јавуваат странските новински агенции.
Стампедото се случило за време на хуманитарен настан одржан во Сана, град контролиран од бунтовниците Хути, кога сиромашните жители се собрале да добијат добротворни прилози од локалните трговци за време на светиот месец Рамазан.
Ројтерс известува дека стотици луѓе се собрале во училиштето за да добијат донации кои изнесуваат околу девет долари по лице.
Жртвите веднаш биле пренесени во блиските болници. Одговорните за организацијата на овој настан се приведени и истрагата е во тек.
Бунтовниците Хути, врзани со Иран, ја презедоа контролата врз главниот град на Јемен пред девет години.
Оттогаш, војната во Јемен однесе стотици илјади животи и иницираше една од најголемите хуманитарни кризи во светот во оваа најсиромашна земја на Арапскиот Полуостров.