Во среда или во четврток ќе започне со работа работната група за уставни измени

by Fokus

Работната група за уставни измени се очекува в среда или во четврток да ја одржи првата седница. Ова за МИА го потврдиле од Министерството за правда.

Експертската работна група ќе ја сочинуваат Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.

Партиите за членови во Работната група за уставни измени ги предложија Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.

Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.

Списокот на Работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.

Работното тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени.

Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.

Поврзани новости