Државниот секретар во српското Министерство за здравство, Мирсад Ѓерлек, денеска изјави дека за седум дена во земјата се очекува да пристигнат 250. 000 руски вакцини „Спутник V“, а при крај се разговорите со „АстраЗенека“ за 800 000 дози.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ѓерлек изјави дека вакцините на „АстраЗенека“ ќе се набавуваат преку Полска, како што најави српскиот претседател Александар Вучиќ, и додаде дека се очекуваат уште кинески вакцини.
-Вчера пристигнаа 11.700 дози од вакцината на „Фајзер“, следниот понеделник ќе пристигнат уште 9.300, но затоа на 15 февруари ќе пристигнат 40.900 дози, а на 22 февруари 46.800 дози. Тоа значи дека во февруари ќе пристигнат околу 105.300 дози од вакцината на „Фајзер“, изјави Ѓерлек за Радио Телевизија на Србија.