Во Србија откажан, во Македонија добредојден: Аца Лукас со концерт во Охрид!

by Fokus

Српската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас ќе има концерт во Охрид, на први август. Како што објави пејачот на својата официјална страница, ќе настапи заедно со Сандра Африка, на стадионот Горица, со почеток од 20 часот.

Други детали за настанот, околу тоа во чија организација е и колку луѓе евентуално би присуствувале, со оглед на пандемијата и ограничувањата, нема објавено.

И додека Лукас се подготвува за настап во Охрид, во Босна и Херцеговина  поради корона вирусот беше откажан неговиот концерт со Ана Николиќ, кој требаше да се одржи на 10-ти јули, во Бања Лука.

Во информацијата за откажувањето е наведено дека причината се ограничувањата поради вирусот, и како здравјето на публиката е приоритет. Нов датум за одржување на овој концерт, до денес нема.

На страницата на пејачот, освен најавениот концерт во Охрид, во блиска иднина не се закажани други настапи. Дури во месец октомври има најава за гостување во Минхен, Германија, заедно со Драгана Мирковиќ и Дарко Лазиќ. Нашите музичари ја дочекаа веста на концертот на Лукас во Охрид со низа на критики.

Прашуваат како може да му се дозволи да прави концерт, со оглед на тоа што е познато каква еуфорија владее за време на неговите настапи, во време кога целата естрада во земјава е погодена од пандемијата и се откажани настапи во многу локали.

Реагираат и поради најавата за концерт на турбо фолк пејачот од Србија, Дарко Лазиќ, на 31-ви јули, исто така на стадионот Горица во Охрид. Официјална информација, кој е организатор на овие настани, нема, освен што музичарите ги споделија рекламните плакати со детали за одржувањето на концертите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости