Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ соопштија дека поради растечкиот тренд на заразата со корона вирусот, а според препораката на Републичката стручна комисија од денеска 22 јули 2022 година воведена е мерката забрана за посета на здравствените установи во Србија, со цел спречување на ширењето на инфекциите, јави дописникот на МИА од Белград.
Во Србија со недели бројот на заразени со корона вирус се движи дневно околу 4.000 лица, а денес од тестираните 12.821 лице, 4.500 биле позитивни, а починале уште шест лица, со што вкупниот број на починати се искачи на 16.199.
– Од недела во недела се забрзува активноста на коронавирусот и се зголемува бројот на заразени, изјави епидемиологот Предраг Кон, кој посочи дека носењето маски во болниците се уште е во сила и ги повика граѓаните да ја почитуваат оваа мерка.