Србија се соочува со најсилниот удар од коронавирусот од почетокот на епидемијата. Здравствениот систем е преоптоварен, а ковид-амбулантите се преполнети, а се повеќе пациенти во болниците се приклучени на респиратор, пренесува РТС.
Епидемиологот и член на Кризниот штаб на Србија, д-р Бранислав Тиодоровиќ, вели дека луѓето мора да ја сфатат сериозноста на ситуацијата.
-Сите ние ја правиме државата и без оглед на тоа што државата направи многу за да обезбеди три ковид-болници, тука се и здравствените работници кои треба да го издржат сето ова, цената ја плаќаат луѓе кои не се заболени со ковид, бидејќи не може да им се обезбеди тоа што треба, без разлика дали се работи за малигни заболувања, кардиоваскуларни, пулмонални, дијабетичари, рече Тиодоровиќ.
Според него, моментната епидемиолошка состојба во Србија е катастрофална и ова повеќе не е само здравствен проблем, туку социјален и психолошки проблем.
-Јас лично реков дека мора итно да спроведеме строга контрола на мерките, како и масовна вакцинација. Се оствари најлошото сценарио и сега сме во ситуација кога ова е социо-психолошки проблем, рече Тиодоровиќ.
Тој посочи дека главниот проблем што бројот на вакцинирани лица е низок.
-Ова сега е индивидуална одговорност. Мора да бидеме свесни, единствениот излез е вакцинацијата. Дали можеме да вакцинираме уште 20% од населението за 10 до 15 дена – ми се чини дека не можеме, рече Тиодоровиќ.
Според него, Србија ја пропуштила шансата за мирна есен и рече дека постојат два начини за колективен имунитет, вакцинација или заразување, со тоа што второто носи поголеми ризици.
-Второто сценарио е дека ќе имаме природен процес, сите ќе бидеме заразени, но оние што немаат стекнато имунитет и оние кои не се вакцинирани ќе ја платат цената, рече Тиодоровиќ.
Во последното деноноќие, во Србија регистрирани се 5 334 нови случаи на ковид од вкупно 14 950 тестирања. Починаа 49 лица, а во моментов 6 456 лица се лекуваат болнички од кои 259 се приклучени на респиратор.
Од почетокот на епидемијата во Србија се направени околу 5,7 милиони тестирања, а регистрирани се над 961 илјади ковид-случаи. Досега починаа 8 380 ковид-пациенти.